Monday, July 15, 2013

За ликовната уметност кај нас

Ликовната уметност денес, кај нас, како да е малку дезориентирана, незабележлива, без ликовна критика, негирана и наместо да оди нагоре, работите стануваат се полоши. Ова не е само моја констатација, туку на повеќемина ликовни творци, а згора на тоа исполитизираноста на општеството во кое живееме не ги придвижува работите во позитивна и конструктивна насока. Повеќето ликовни изложби што се организирани се манифестациски или ревијални. Ретко која од нив е со социјално и општествено ангажиран карактер. Уметниците се повлечени и затворени во своите ликовни ателјеа и не се во состојба да влијаат во насока на менување на работите за побогат културен и духовен живот, но и да влијаат во промената на животот на некого од својата околина. Иако во регионот постојат доволно Центри за култура, музеи и галерии, кои меѓу другото, се занимаваат со презентација на ликовната уметност, тоа сеуште не значи дека имаме богат ликовен живот - организитан и осмислен за разни категории консументи, а не само парцијално и кампањски за некое културно лето и слично.