Детето е единствено суштество, кое во својот развиток, низ ликовното образование и творење во ликовната област, може да се оформува како креативна и творечка личност. Детското ликовно творештво е специфично, бидејќи никогаш не е копија на средината, туку реалност видена низ детските очи и еден вид трансформација на искуството. Затоа ликовната педагогија е од првостепена важност како во училиштата така и вон нив, во општествената и културна средина.
Не така оддамна во нашиот град активно работеа и меѓусебно соработуваа ликовните секции од ОУ, Ликовниот клуб при Центарот за детско творештво „Вита Поп-Јорданова“,кој по дваесетгодишно опстојување и со богата збирка на детски ликовни творби од локален,регионален и државен карактер, неславно згасна. Истата судбина ги снајде и ликовните студија при Домот на младите и Центарот за култура „Ацо Шопов“, кои ја негуваа ликовната култура и творештво кај младината, а поради несоодветна подршка од општествената средина згасна и ликовната активност на Општинското здружение на ликовните педагози и Регионалниот актив на ликовните педагози.
Единствено опстојува Друштвото на ликовните уметници на Штип, но и тоа го губи чекорот со времето и со начинот на ваквата стратегија и децентрализација на културата можеби и тоа за кусо време ке згасне.
Сите овие институции и уметничката галерија со чесни исклучоци даваа свој голем придонес во афирмирањето на детската ликовна уметност и творештво и беа расадник за подмладок на идни ликовни творци и љубители на ликовната уметност. Време е некој навистина да се замисли како ја негуваме ликовната традиција кај нас и да се заложи за реафирмирање на ликовниот потенцијал кој е основа за новото,урбаното и современо дизајнирање и естетско живеење во 21 век.
Thursday, April 14, 2011
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment