Во мојата четиридеценијска пракса со разни деца и учениици од претшколска, специјална и школска возраст, работев со разни форми, методи и начини на ликовно изразување. Покрај редовните во наставата, најчесто беа застапени додатните, изборните организирани програмски активности и проекти и слободните ликовни училишни и вонучилишни активности и манифестации. Низ практичен работен карактер во областа на уметноста, самоостварувањето и хуманизацијата,низ грижливо и слободно избрани содржини и теми за работа со зголемен обем и степен на ликовно-естетско реализирање талентираните ученици беа вклучени во култуно-општествениот живот на својата средина и пошироко, заради валоризација и афирмација на својот вложен труд.
Во ликовната практика се сретнуваат неколку типови на талентирани ученици но најчесто се издвојуваат два типа и тоа едниот од нив се приклонува кон ликовната креативност и најчесто се посветува на уметничките ликовни професии, а другиот тип е оној кој има способност да ги поврзува ликовните вредности со другите подрачја. Утврдувањето на видот и степенот на ликовната талентираност, го обврзува ликовниот педагог истата да ја подржува, негува и насочува, но не по секоја цена, бидејќи што ќе се случи ако еднострано насочувано дете кон сликарството еден ден доживее неуспех во својата „специјалност“. Овде се присетувам на двајца мои ученици од кои едниот се одликуваше со особена смисла за оригиналност, пропорција и композиција - заврши студии на ФЛУ, но сеуште се бара во својата специјалност. Другиот се одликуваше со изразито чувство за боја, плошно и тридимензионално обликување, повеќе успеси на домашни и меѓународни ликовни конкурси,изложби и колонии. Во текот на школувањето беше континуирано одличен и поседуваше позитивни карактерни црти.Се определи за неуметничка професија во која е ценет стручњак, но во неа и во својот живот, верувам, ќе ги внесе сите свои ликовно-естетски вредности и познавања.
Ликовната талентираност кај учениците треба да се цени како ретка вредност. Правилно треба да се развива и негува.Но дали е така во нашето секојдневие.Сеуште нема стандардизирани услови. На една година пред заминување во пензија ликовниот кабинет беше растурен.Грижата за талентираните деца, мораме да констатираме, организациски и прфагошко-методски сеуште не е разработена, а ликовните педагози мотивирани,стимулирани и едуцирани за таква педагошка работа која бара посветеност, самоодрекување,сериозност и квалитет, инвентивност, иновативност и креативност. Во оваа смисла заостануваме во споредба со други земји од нашето опкружување и пошироко за што меѓу другото може да посведочат и пристигнатите ликовни творби на талентирани мали уметници на нашата престижна ликовна манифестација „Мал Битолски Монмартр“.
Thursday, April 26, 2012
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment