Monday, October 26, 2009

Ново раководство на ДЛУШ

Друштвото на ликовните уметници на Штип,на својата редовна Годишна седница избра ново раководство. За претседател е именуван академскиот графичар и сликар Дејан Марков, професор во О У „Димитар Влахов„, а за секретар Боре Минов, сликар и сопственик на галеријата „Пинокио„.
Во наредниот период новото раководствоке настојува програмски да го освежи друштвото и да
кооптира нови членови, како и да ги консолидира своите редови, со потесна меѓусебна и институционална соработка.

Thursday, October 22, 2009

Ученичката ликовна творба-визуелна порака

Визуелните комуникации како содржина во ученичките ликовни активности, претставуваат поттикнувачка основа на духовниот видик на децата. Живеејки во време на иницирачка и пресвртувачка моќ на визуелните пораки, естетскиот контекст на сите комуникативни и медијски форми мора да биде согледан и од страна на ликовниот педагог, со нужно внимание.Визуелните комуникации се константа во меѓучовечките контакти, широк простор на различни иницијативи, информации, метафизички побуди за остварување на универзални претстави. Според тоа задачата на ликовниот педагог е методолошки да ја согледа и низ ликовното описменување,воспитување и образование, да ја почитува позитивната идејна страна на визуелната порака/преку анализи и препознавање на естетската и емоционална порака во ученичката ликовна творба/. Оттаму и интенцијата на овој напис ученичката ликовна творба да се сфати како референцијална и визуелна порака, имајки предвид мноштво можности во фигуративните способности на учениците од разни возрасти. Во овој вредносен слој на ученичката ликовнa творба се наоѓа и потенцијалот за развивање на смислата за интенционални визуелни пораки. Просторната појава на ученичката ликовна творба ги опфаќа: условите на надворешни поттикнувања,општите услоови за работа,содржината и организираноста,условите во училиштето и вон него кои влијаат на климата и расположението за ликовно изразување.Физичкото значење на ученичката ликовна творба наведува на конституцијата на ликовната реализација, како производ, кој со одредена постапка и детска сила е совладан со потребно време и соодветна техника. Материјалниот аспект на ликовното мислење не насочува на констатацијата дека тоа е усогласено со можностите на совладување на материјалите и средствата за ликовно изразување. Егзистирањето на ликовниот израз означува извесна вредност, како спонтана експресија,субјективна,ликовна, естетска и психо- лошка порака со еден специфичен ликовен говор, кој ја приближува хуманата смисла на пораката. Визуелниот,физичкиоти метафизичкиот свет на ученичките ликовни творби не насочува на ликовната форма и материја,на нешто идејно,духовно и со хумана естетска вредност. Нашето разбирање заученичките ликовни активности,нивното овозможување и поттикнување треба да потпомогне при начинот на составување на пораката,сензибилизирање на елементите и принципите на ликовно обликување, но и опфаќање на личноста со соодветни мотиви кои ке го доведат до естетско искуство, бидејки секоја личност е индивидуа со различна ментална оптовареност кон надворешниот свет.Гледајки од аспект на емоционална порака се доаѓа до тоа колку ученикот се внесува во творбата и колку таа металингвистички ни ги насочува мислите визуелно да го согледаме ликовниот код на специфичната семантичка површина на ученичката ликовна творба.