Monday, October 8, 2012

За сликарството и поезијата

На еден бел каменит зид, вчера никна букет narcis poetikus. Прекрасно цвеќе со меланхолична митологија, но и поетски истовремено и сликарски симбол. Бидејќи, сликарството е поезија без зборови, а поезијата е сликарство без боја. Се надевам дека поетите во тој амбиент секогаш ке се потсетуваат на овие зборови.

Tuesday, October 2, 2012

За сликарот, сликарството и сликата

Сликарот и кога е апсолутно осамен не е изолирана единка, туку природно е поврзан со заедницата и средината во која твори.Тој и не би можел да ја доживее својата посебност кога во него не би била потребата на она „ние“, како позадина врз која тој се одразува и го осветлува своето „јас“.Така тој се определува колку колективно толку и индивидуално, па во таа смисла се појавува како двојно битие и на таа двебитност тој и е подвргнат во сите свои пројавувања во сликарството. Сликарството не е некое подрачје одделено од секојдневниот живот. Тоа е сериозна и одговорна работа и му припаѓа на културата на еден народ.И колку неговиот специфичен естетички елемент е посовршен и поподложен на единството на целината, толку и делувањето и визуелните ефекти се поимпресивни, социјално попроодни и продорни, како и обратно сликарство кое е херметички зарворено, достапно само на тесен круг луѓе, не може да служи како посредник и  не може да воспостави вистинска и потполна комуникација со својата средина.
    Сликата и сликарството се саморазбирливо претставување на моќта да се совлада животот и антропоцентричноста на универзумот со степен на уверливост и вистинитост. Феноменот на сликата се изградува во единството на способностите семантичката содржина да отповика извесен предизвик, ослободувајќи ја функцијата на репродуктивност, човекот повеќе или помалку соодветно да реагира на суштината на душевноста или ликовноста што ни  овозможува да ја согледаме,т.е. на извесноста на претставеното, на она што избива од неа - меморијалноста. Сликата „еикон“, не му се обраќа само на поединецот туку и на средината и затоа претставува фактор кој влијае во изградбата на колективната свест.