Monday, July 26, 2010

Развивање на творечките способности кај учениците

Творечките обиди од уметнички аспект се неможни без набљудување и доживување на природното и уметнички убавото како во прородата така и во секојдневниот живот. Севкупната креативна работа се базира на воочување и на силно естетско возбудување. овие компоненти во почетокот немаат речиси никакви естетско-емоционални особености, но постепено извесни неестетски доживувања добиваат виѕуелно-естетска и уметничка ликовност, која се транспонира во квалитет на нов сензибилитет. Естетските доживувања предизвикани од природно убавото при воочување и осознавање, произведуваат естетска радост, која инспирира и насочува кон уметносно, оригинално и невообичаено обликување на тие доживувања, што значи дека чувствата за доживеаната природна убавина, нивниот интензитет и продлабоченост ја условуваат уметничката убавина и изразот. Иако, во основа на творечките обиди кај младите на прво место е естетското доживување, покрај него значајно место завземаат и: естетската имагинација, способноста, интересот, желбата и мислата, креативната структура да се вообличи и истакне во уметничка форма, карактеристична на особеностите на творецот, да се транспонира, повеќе или помалку во естетска слика или сензибилна реалност.
Творечкиот процес не претставува само изразување на ликовност, на наследена или стекната уметничка битност, туку воедно придонесува за збогатување на творечката структура. Според тоа, уметничките и креативни обиди кај младите се резултат на бујните естетски и творечки чувства на нескротлива имагинација и желба за развивање и постигнување солидни резултати со повисоки и продлабочени естетски компоненти. Тие се постигнуваат со упорност, доследност, вежби, творечка опфатеност и силна уметничка преокупираност пред, во текот и посче творечката активност. Ваквата творечка активност треба да се негува, поддржува и афирмира.
Постојаниот интерес за природното, доживеаното и уметнички создаденото, доведува до постепено таложење на богат опус што се искажува со материјализирање и транспонирање со разни ликовни средства.Чувството на секој млад творец, дека неговите творби имаат некаква вредност достојна за почит, позитивно влијае кон свесно вложување креативен напор, кој сам по себе претставува максимална свесна и потсвесна ангажираност на творечки активитет: идеја, инспирација, интемција, инкубација и друга предиспозоциона структура, како и диспозициона структура на создавање нешто ново, Притоа се создава внатрешно превривање и метаморфоза на ВРОДЕНАТА основна и емпириска материја. Внатрешното искристализирање и формирање на естетските слики и процесот на нивното вообличување, менување и доградување оставаат силна трага кај младите и го изградуваат нивниот естетско-уметнички вкус.
Креативното уметничко творештво со своите подготвително доживувачки пратечки елементи, овозможува потполно ликовно, визуелно-естетско образованиое и воспитание, за разлика од едностраното и еднофазно доживување на убавите содржини.