Friday, April 27, 2012

Thursday, April 26, 2012

За талентираноста - од мојата пракса

Во мојата четиридеценијска пракса со разни деца и учениици од претшколска, специјална и школска возраст, работев со разни форми, методи и начини на ликовно изразување. Покрај редовните во наставата, најчесто беа застапени додатните, изборните организирани програмски активности и проекти и слободните ликовни училишни и вонучилишни активности и манифестации. Низ практичен работен карактер во областа на уметноста, самоостварувањето и хуманизацијата,низ грижливо и слободно избрани содржини и теми за работа со зголемен обем и степен на ликовно-естетско реализирање талентираните ученици беа вклучени во култуно-општествениот живот на својата средина и пошироко, заради валоризација и афирмација на својот вложен труд.
     Во ликовната практика се сретнуваат неколку типови на талентирани ученици но најчесто се издвојуваат два типа и тоа едниот од нив се приклонува кон ликовната креативност и најчесто се посветува на уметничките ликовни професии, а другиот тип е оној кој има способност да ги поврзува ликовните вредности со другите подрачја. Утврдувањето на видот и степенот на ликовната талентираност, го обврзува ликовниот педагог истата да ја подржува, негува и насочува, но не по секоја цена, бидејќи што ќе се случи ако еднострано насочувано дете кон сликарството еден ден доживее неуспех во својата „специјалност“. Овде се присетувам на двајца мои ученици од кои едниот се одликуваше со особена смисла за оригиналност, пропорција и композиција - заврши студии на ФЛУ, но сеуште се бара во својата специјалност. Другиот се одликуваше со изразито чувство за боја, плошно и тридимензионално обликување, повеќе успеси на домашни и меѓународни ликовни конкурси,изложби и колонии. Во текот на школувањето беше континуирано одличен и поседуваше позитивни карактерни црти.Се определи за неуметничка професија во која е ценет стручњак, но во неа и во својот живот, верувам, ќе ги внесе сите свои ликовно-естетски вредности и познавања.
    Ликовната талентираност кај учениците треба да се цени како ретка вредност. Правилно треба да се развива и негува.Но дали е така во нашето секојдневие.Сеуште нема стандардизирани услови. На една година пред заминување во пензија ликовниот кабинет беше растурен.Грижата за талентираните деца, мораме да констатираме, организациски и прфагошко-методски сеуште не е разработена, а ликовните педагози мотивирани,стимулирани и едуцирани за таква педагошка работа која бара посветеност, самоодрекување,сериозност и квалитет, инвентивност, иновативност и креативност. Во оваа смисла заостануваме во споредба со други земји од нашето опкружување и пошироко за што меѓу другото може да посведочат и пристигнатите ликовни творби на талентирани мали уметници на нашата престижна ликовна манифестација „Мал Битолски Монмартр“.

Tuesday, April 24, 2012

За ликовната талентираност

  Ниедна друга особина, ниту способност кај децата, во семејството или во училиштето, не се цени толку високо колку интелектуалната надареност.Меѓутоа, ништо подолу не е и ликовно-уметничката надареност. Таа не е вродена туку стекната способност за љубопитност и интерес за ликовна креативност, или 10% инспирација и иновативност, 90% транспирација. Иако, многу деца нема да бидат академски сликари, скулптори, графичари, дизајнери, неразбирливо би било да не се обидеме да ја исползуваме нивната ликовна талентираност како средство за производ-
ство на ликовни творби кои се интелигентно размислување за создавањето на визуелните претстави.
    Ликовно талентирани деца се сметаат оние деца кои имаат изразени ликовнии способности, креативно-творечки потенцијал при ликловното изразување со цртање, сликање, графичко и тридимензионално обликување или современо мултимедијално претставување.отскокнуваат од другите по тоа што пројавуваат поголем интерес за праксата, теоријата и историјата на ликовната уметност. Подобро и успешно се снаоѓаат во идејно-изведбените ликовни решенија отколку другите. Ликовниот развој им е побрз и подолготраен со зголемена илуминација и имагинација.
Понекогаш, некои родители и воспитувачи, во својата амбициозност, ги преувеличуваат способ-
ностите на своите деца. Еднаш, еден родител го доведе своето дете во Центарот за детско ликовно творештво, велејќи дека е многу талентирано за цртање. Од покажаните цртежи сфатив дека се чисти копии, а некои дури и директно прецртани од сликовници, но детето го ѕачленив со цел да биде „свој и да мисли со  своја глава.Честите пофалби и воодушевувања од средината може да ги направи суетни и натценети и негативно да повлијае на ликовниот развој.Во вакви случаи, било да се работи за вистинска или лажна талентираност, родителите и средината треба да бидат внимателни.
    Вистинската ликовна талентираност кај децата се забележува уште во раното детство, но таа може да се појави и подоцна, а да се открие дури во пубертетот - по тоа што детето покажува  истрајност, упорност без застои и без колебливост. Талентираноста е жива материја. Таа еволуира, пулсира и се менува во зависност од повеќе фактори.Досега , општеството, училиштето и родителите повеќе важност придаваа на натпросечните интелектуални достигнувања, но во иднина ќе треба повеќе отколку досега да се цени и негува ликовно-уметничката надареност кај учениците со нивната визуелно-техничка способност, поклонувајќи повеќе внимание на спонтаниот и рационалниот сензитивитет, интроспекцијата, предводената илуминација, биофитбекот и други постапки на „мислење со своја глава на его идентитетот“,  ако се сака да се создаде подмладок за формирање кадри од областа на ликовната и применетата естетика и уметност, потребни на општеството и културата, како хумана универзалност на животот, со демократска, плуралистичка егзистенција.
     Ликовната талентираност не треба да се спречува и „кочи“ како во семејството така и во училиштето, туку во корелација и интеграција на наставните и воннаставните содржини да се развива најдрагоцената димензија на ликовниот талент - креативноста,т,е. најсложената човечка активност - уметничкото самоизразување. Притоа, секогаш да се има предвид закономерноста на постепениот психофизички и естетски развој, бидејќи и талентираноста се повинува на оваа закономерност. Секоја забрзаност е штетна. Уште Коменски правилно истакнал:„Форсирањето на природноста, т.е. претераното забрзување на способноста кај детето од страна на родителите и воспитувачот е насилие врз природата“ Севкупната ликовна едукација треба да се заснива на свеста дека детското визуелно-ликовно осознавање расне во склад со неговите природни начела и дека „прескокнувањето скалила“ значи повторно враќање,бидејќи пропуштеното ќе мора да се надокнади.
   

Tuesday, April 10, 2012

Ликовно изразување на учениците

Ликовното изразување на учениците, меѓу другото, е условено од степенот на психофизичкиот развој, степенот на познавање и владеење со одредени ликовни средства и техники, но истовремено и од правилното ликовно педагошко водење и насочување од страна на наставникот- ликовен педагог.
Преку својата ликовна творба ученикот сака да ја соопшти својата емоционална доживеаност, импресија, но и успешната интерпретација на совладаната тема, техника и ликовен јазик кои се предуслов за подобро вреднување и естетско проценување. Кога ученикот ќе ги совлада ликовните елементи,принципи и техники од сите ликовни подрачја, се јавува потребата од поголемо ликовно естетско влијание и изразување во одредено подрачје за кое постои поголем интерес и предиспозиција. Во таа смисла се врши насочување и стимулирање кон изработка на поуспешни ликовни решенија.
Без стимулирање за поуспешно ликовно изразување, ученикот би останал посиромашен во својот духовен и психофизички развој. Затоа,почестото интенционално набљудување на природните и секојдневните појави,пристапните уметнички слики, репродукции и фотографии од домашни и странски ликовни уметници го збогатуваат разбирањето за уметноста и нејзиниот волшебен свет на интерпретирање и креирање. Затоа ликовното образование со својата важност не трпи импровизации и замени со недоволен број часови, несоодветни,недоквалификувани ментори или немање основни ликовни училишта.

Thursday, April 5, 2012

Од мојата пракса

Во Законот за основно и средно образование постои член со кој се дава можност ученик,т.е. неговите родители, во рок од три дена по заклучување на оценката на советот на предметните наставници, да вложи приговор на наставничкиот совет. На овој приговор наставничкиот совет е должен по разгледувањето да донесе одлука и да формира неутрална стручна комисија која ќе го провери знаењето на ученикот и исправноста на оценката. Иако оваа мерка е релативно нова и ретки се реакциите, сепак повремено се појавува.
Пред две години, претерано амбициозни родители - колеги, чиј ученик континуирано одличен, само по ликовно со годишна оценка мн.добар, вложија приговор до наставничкиот совет, сметајки дека нивното дете неправедно и тенденциозно е оценето по овој предмет. На советот предметниот наставник постапувајки по стандардите за оценување аргументирано ја образложи оценката. Советот без да ги земе предвид образложенијата и без да донесе одлука за формирање независна стручна комисија, на предлог на одделенскиот раководител со гласање оценката на ученикот ја коригира од мн.добар на одличен, со што ја задоволи желбата на родителите, но флагрантно ја прекрши постапката и го потцени долгогодишното педагошко искуство на наставникот и неговата стручност за ликовно-естетко вреднување и оценување.
Заради објективноста при оценувањето за што се донесени и стандардите од БРО, сфаќањето на праведноста и другите видувања на протекционизмот, истиснување на необјективното и неправедно оценување, добро е што постојат овие мерки и постапки, но не и да се злоупотребуваат на било чија штета. Наместо тоа добро би било советите повеќе да се залагаат за спроведување на студиозни анализи, анкети, чек листи и сл., за да го пронајде секој свој член во доменот на своите обврски, а не бегло и нестручно да донесува решенија и одлуки кои би нарушиле нечиј углед и авторитет.

Wednesday, April 4, 2012

Цртање стрипови

Цртањето стрипови е интересно и занимливо, но бара многу знаење и спретност. Тоа знаење колку и да се настојува тешко некој може да го има во своја глава.Тоа знаење во форма на снимки, фотографии,скици,списанија, книги и дигитални форми, секој цртач треба да го стекнува, собира и сортира во своја сопствена документација- печатена или електронска. Видеот на документацијата и материјалите за истата, секој цртач ги избира според своите афинитети и интереси и според областите од кои ќе бира теми и мотиви за своите стрипови.Така на пример ако црта стрип за животни, тогаш ќе собира разни материјали за се што се однесува за животните и нивниот животински свет, доколку се интересира за историски случки, мора да собере конкретен материјал за соодветен историски настан, кој е предмет на ликовна обработка, и слично.
Стриповите се цртаат на стрип табли, за кои претходно е подготвено стрип-сценарио, текст,скици, а во последно време и во некоја дигитална форма со компјутерска цртачка техника.Кај нас има малку цртачи-творци на стрипови, бидејќи малку се посветува внимание на ова подрачје на визуелна комуникација.

Tuesday, April 3, 2012

Ликовно самообразование и надградување

Успехот на учениците во училиштето зависи од повеќе меѓусебно поврзани фактори. Тие обично се поделени во следните групи,- Социо-економски услови во општеатвената и семејната средина на учениците,
- психолошки фактори,
- здравствено-соматски фактори и фактори на училишната средина.
Ако овие фактори се во меѓусебна позитивна корелација, успешноста во учењето на учениците по ликовно образование ќе биде на повисоко ниво.Притоа неопходно е да се има предвид способноста и индивидуалните особености за поедини ликовни подрачја, како и развивање на мисловната активност и творечкиот пристап преку перманентно ликовно образување по пат на самостојност и самообразование, користејќи разни извори и банки на податоци, пребарувачи, методи и техники. Секако, сето ова претпочита претходно оспособување и стручно усовршување и на наставниците-ликовни педагози, за воведување на учениците и надарените и просечните во начинот на ликовно самообразование. Иако се преферира современа настава и примена на ИТ во наставата по ликовно сеуште нема изграден дигитален концепт, а има и технички проблеми како работата во смени,слаба интернет конекција и чести прекини,немање софтвер за дигиталните содржини, па секој наставник ги изработува како знае и умее.Веќе неколку години се скенира состојбата и се подготвуваат посебни насоки и стратегија за работа со надарени ученици и училиште на иднината но конкретно нема сеуште ништо.