Friday, June 28, 2013

Откуп на ликовни дела

Денеска ме израдува веста што ја соопшти Министерката за култура,Канчевска-Милевска, дека од наредната година Министерството за култура ќе врши откуп на ликовни дела, Не се израдував за тоа дека можеби ќе откупат и некоја моја слика,туку конечно некој се сети дека после триесеттина години повторно ќе може да се офајди некој од моите ценети колеги, а секако ќе се збогатат и подноват ликовните збирки во музејските и галериските установи.

Thursday, June 27, 2013

За образованието

Иако овој пост нема директна суштинска врска со ликовната педагогија и уметноста, сепак индиректно има свои допирни точки.Повод за истиот се состојбите во образованието видени низ анкета на голем број ученици,професори, родители,директори на училишта и коментари од читателите на весникот „Нова Македонија“. За професорите се споменуваат атрибутите:неафторитетност,корумпираност,нестручност, некомуникативност,немотивираност,некреативност,непринципиелност,необјективност во оценувањето и сл.,а за учениците и родителите: агресивност,недисциплинираност, невоспитаност, непочитување, неучење, незаинтересираност за наставата и воннаставните активности, оптовареност со часови,бегање од настава,санкционирање и ред други негативни и девијантни појави и состојби, во зависност од тоа од кој аспект и ракурс се гледаат. Особено сега ги разбранува учениците,професорите и родителите извршеното екстерно оценување. Ова е компликуван и комплексен општествен проблем и истиот треба компетентно да го решаваат одговорните просветни институции. Сличен проблем во образованието, пред повеќе години имало во Финска, но тие успешно го надминале, можеби не 100%, но во глобала сепак го решиле. За надминување на оваа состојба секако е потребна напорна и несебична работа и посветеност, личен пример и соодветен валоризирачки и вредоносен систем, кој ќе ги сведе на минимум сите детектирани негативности во образованието, почнувајќи од највисоките до најниските инстанци. Само така ќе се поврати благородноста на професијата и вербата во образованието.Во спротивно, тоа ќе „тоне“ се подлабоко.Ова мое мислење се базира на долгогодишно лично позитивно и негативно искуство во работата како ликовен педагог, стручен соработник,културен активист и уметник.Секогаш бев коректен, исполнителен, толерантен и отворен за соработка со секого. Тоа вроди со видни резултати на училишно, општинско, државно и меѓународно ниво, со бројни сертификати, дипломи ,награди и признанија, меѓу кои и признанието просветен работник на годината со солидна оцена и од државниот просветен инспекторат. Меѓутоа кога работите без твоја вина некој ќе ги „избрка„ неизоставно остава последица и црно петно кое со ништо и никој неможе да го избрише засекогаш.

Tuesday, June 25, 2013

Изложби на ШКЛ-2013

Во рамките на Штипското културно лето годинава ќе се одржат само три ликовни изложби и тоа од Меѓународната ликовна колонија Де Ниро од Битола,30 години ликовно творештво на Владимир Темков од Кавадарци и изложба на графики од македонски графичари.Иако имаше можност за побогата ликовна понуда, поради многукратно редуцираниот буџет се намалени и постановките.

Sunday, June 16, 2013

Изложба на Новица Трајковски

Во изложбениот салон на ОУДК„Крсте Мисирков“-Св.Николе, во тек е изложбата на слики од Новица Трајковски.Трајковски досега има изложувано повеќе од триесет самостојни и повеќе групни изложби во земјава и странство.Оваа излложба е мал сегмент од една поголема изложба што треба да се случи наесен во изложбениот салон на МАНУ.

Friday, June 7, 2013

Изложба на скулптури

Во рамките на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински„денеска во Центарот за култура „Марко Цепенков“-Прилеп, ќе биде отворена изложба на скулптури од д-р Никола Смилков, академски скулптор и декан на Факултетот за образовни науки од Штип. Смилков пред прилепската културна јавност ке се претстави со 15 скулптури иёработени во мермер со нему својствен перфекционизам и апстрактно геометриски форми кои асоцираат на монументализам.

Thursday, June 6, 2013

Ликовни изложби и колонии во 2012

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2012 г.бројот на организирани ликовни изложби изнесува 578 и во споредба со 2011г. е намален за 1о,1%.Во истиот период е намален бројот на ликовни уметници учесници на изложбите, за 3,1%, а за 17,7% е намален бројот на посетителите на ликовните изложби. Во 2012 се организирани 25 ликовни колонии, а бројот на ликовни уметници учесници од земјава и странство е зголемен за 47,9%.

Wednesday, June 5, 2013

Изложбени активности во Дом на млади

Меѓу другите програмски активности Домот на младите во Штип,редовно организира и промовира изложби на млади уметници.Досега има оганизирано повеќе вакви изложби,а овде ке ги спомнам последните самостојни изложби на Тоше Ристов и Моника Милева.Тоше се занимава со уметничка фотогафија, а Моника е студент и самоук уметник.Во Штип има многу млади влјубеници во ликовната уметност,но поради немање организирано едукативно студио истите се оставени сами на себе.Порано ликовни клубови и студија егзистиаа во Центарот за детско творештво, Домот на културата и Домот на младите, но денес тие веке не постојат.За поуспешна ликовна и изложбена активност во овие институции секако е потребно ангажирање на стручно лице-ликовен соработник.