Monday, November 16, 2009

Размислувајки за личноста и творештвото на колегата Петре Колев, се наметнува неизбежниот расчекор, помеѓу неговиот сопствен имагинарен ликовен свет и светот на рационалноста, како ликовен педагог во воспитно-образовниот процес. Одбележувајки 40 години ликовно творештво, создал , за релативно кусо време, триесеттина дела како последен циклус од потрагата по вистински автентичен израз. Преку суптилна експресија на неговиот сензибилитет, го изразува истражувачкиот немир во светот на внатрешниот порив. Апстрактноста, на моменти асоцијативно фрагметарна, структурална со нагласена визуелна текстура, ја создава затворената композиција. Лазурната колористичка динамика, честопати спротивставена, дисхар-монична или хармонична, ја ѕголемува експресијата на внатрешното магиско пулсирање.
Овие дела, како мал дел од неговата творечка сублимација, ја изразуваат неговата Космичка сензација на умот, и ако знаеме дека животот е причината за сите збиднувања. Тогаш и уметноста на Колев е една од неговите последици, нагонска или промислена, спонтана или не, со чувство збогатена или со разум оптоварена.
Изградувајки сопствена ликовна лексика, физиономија и индивидуалност, е голем Предизвик во сфаќањето на неговата професионалност и сликарска изразност. Таквото творештво ја зголемува супстанцијата на внатрешното доживување. Колку повеќе ќе ја чувствува слободата на сопствениот израз, толку посилна ќе е радоста на неговиот творечки пат.Неговите дела како естетски творби несомнено се резултат заради кој вредело да се оди и да се изоди тој долг пат.
На крајот овие мои размислувања , може да бидат интересно и важно сведоштво
за уметникот и неговото творештво, но сепак единствено примарно сведоштво е самото
уметничко дело.
Проф. Кирил Казанџиски,
Академски сликар и ликовен педагог

No comments: