Thursday, November 8, 2012

Историскиот пат на ДЛУШ

... Историскиот пат на ДЛУШ временски се совпаѓа со вртоглаво брзиот и интригантно
конфузниот период на уметноста во втората половина на 20 век, пропратен  со променливи културолошки модели, период на мноштво нови проблеми како во уметноста, така и во општеството, кои со влегувањето во новиот милениум го достигнаа својот максимум на концентрација. Во овој период видлив е стремежот на уметниците во Штип да се освои духовата суштина на времето, а тоа значело и модернизирање, следење на уметничките практики во светот,нивно превземање и примена на ова тло. Како последица на едни такви згуснати промени во уметноста, создадена е атмосфера на плурализам и рамноправност на сите форми на современи уметнички практики, каде продолжува борбата помеѓу новиот и традиционалниот /класичниот/ ликовен израз.
    Во тој контекст следејки го развојот на ДЛУШ, а воедно и следејки ја генезата на македонската современа уметност, се наметнува фактот дека овие процеси на хетерогенизација се прифатени во составот и организацијата на ликовниот живот во самото друштво, манифестирана преку презентација на индивидуалните размислувања и проекти на ликовните творци. Всушност и мисијата на секој колектив би била да се обезбеди што поголем простор за потврда на уметничкиот индивидуален естетски продукт...

Горанчо Ѓорѓиевски  -   во каталогот на 45. Годишна изложба на ДЛУШ

No comments: