Monday, February 3, 2014

За Овчеполската народна носија

Овчеполската народна носија е еден вид народно творештво од областа на применетата уметност-текстил, карактеристично за самиот предел.Наизглед едноставна и со ограничени колоритни особини, сепак таа се разликува во одделни овчеполски реони и села-по начинот на изработката и орнаментиката. Можеби посоодветно место за овој пост би бил некој етнолошки блог но сметам дека има резон да биде и тука.Податоците ги собрав во 1970 г.за потребите на музејската збирка, тогаш во зачеток, од Това Радојкова од с.Амзабегово и Гуна и Драги Атанасови од с.Кнежје. Машка овчеполска носија Машката носија се состои од капа-качкета или шубара, која се прави од штавена јагнешка кожа со црна волна,елече изработено од алаџа.Тоа е поставено и пребрано и по ивиците има црна оптока.На предната страна има едно или две џепчиња.Се закопчува со копци, најчесто на лева страна.Долгиот појас се изаботува со четворно ткаење на разбој, најмногу до 7 пасамца.На крајот појасот има реси кои се прават од основата.Тој се изработува од волна одедно предена на кадела. Кошулата/риза/,тоската и гаќите се изаботуваат од „бубаќно платно“, ткаено во две нити. Тие обично имаат еднобоен кенар,вткаен од жолта свила. Тоската се прави од 12-16 парчиња платно.Се крои накосо, а како украс има и еднобојна сорка.Овој украс се става и по рабовите на ракавите и околувратникот на кошулата.Гаќите се широки, со учкур и долги до потколеници. Крпа се носи преклопена на појасот од десна страна.Чорапите се од волна.Се плетат на рака.Најчесто се „колајлии“ во 4 реда, орнаментирани со најмногу 6 бои.Опинците се изработени од свинска или воловска кожа.Тие имаат опута/тенко режена кожа по ивицата на опинокот/, низ која се спротина волнена врпца, со која се врзува опинокот околу ногата, над глуждот.Врпците се изработуваат од остра волна на кадела,вртена на вкрстени дрвца, т.н.вретено за врпци.Пластата од волната се преде на лево, испреденото се става удве и се увртува на десно.

No comments: